Најавите на индискиот милјардер Субрата Рој, дека до крајот на оваа деценија на брегот на езерото ќе никне еден од десетте најмодерни туристички ресорти во светот, дигна лавина реакции меѓу граѓаните и институциите. Оваа проблематика, не ги одмина ниту туристичките и угостителски работници од Охрид.
Иако многумина од нив гледаат со резерва кон овој „филмски“ проект, сепак кај повеќето се наметна прашањето, дали градот има доволно стручен кадар кој би ги задоволил потребите на пазарот на трудот. Ако се знае дека за овој милионски проект ќе бидат потребни неколку илјади работници, охридските хотели и ресторани стравуваат што би се случило доколку инвестицијата навистина се оствари.
За некои од нив, тоа значи одлив на работната сила и соочување со недостиг на работници, додека за други значи продолжување на туристичката сезона во текот на целата година. Според официјалните податоци на Агенцијата за вработување, во општините Охрид и Дебрца дури 422 готвачи со тригодишно средно, односно 30 дипломирани гастрономи со вишо оброзование се без работа.
Директорот на средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, Секула Баткоски, истакнува дека максимално се вложува во овозможување услови на учениците, соодветно да се едуциираат и спремни да излезат на пазарот на трудот. Тој потенцира дека кадарот кој излегува од ова училиште, во секој момент е спремен да одговори на побарувањата.
стручниот кадар од училиштето ја припремаа рибината чорба за Гинис
„Угостителската и туристичката струка се области за кои што има отворени врати за работа. Дел од учениците, по завршување на образованието наоѓаат работа по хотелите и угостителските објекти, додека дел заминуваат на работа во странство. Без разлика колку стручен кадар излегува од нашето училиште, процентот на вработување е слаб на ниво на Македонија. Условите кои ги обезбедуваме одлични, а квалитетниот кадар од училиштето би задоволил дел од побарувањата на пазарот.“ – вели Баткоски.
Ангела Василевска, професор и раководител на катедрите за гастрономија и хотелско-ресторански менаџмент на ФТУ во Охрид, смета дека студентите кои ја завршуваат тригодишната студиска насока по Гастрономија, можат да одговорат на тие квалитетни сервиси застапени во хотелите со 5 ѕвезди.
„Имаме квалитетна студиска насока направена во согласност со сите современи тенденции на високата Гастрономија. Последниве неколку години, ги учиме нашите кадри да бидат подготвени за пазарот на трудот, веднаш штом се стекнат со соодветното образование. Но сепак, во градот немаме доволно стручен кадар кој може да ги опслужи нашите ресторани. Во овој случај каде што се работи за комплекс хотели, мислам дека голем дел од работниците ќе бидат донесени од странство, поради недостигот на соодветна работна сила.“ – вели Василевска.
Сепак, реализацијата на проектот е за сега само на хартија. До тогаш, охридските туристички и угостителски работници, ќе имаат време да се подготват како би го спречиле одливот на стручниот кадар вработен кај нив.
Инаку, планот кој треба да го изгради „Сахара Индија Паривар“, предвидува изградба на суперлуксузен хотел – казино на вода, како и апартмани, вили, марини, голф терени и други пропратни објекти кои ќе придонесат градот да стане светска туристичка дестинација.
О.Т.