Жителите на охридско Љубаништа покренаа петиција за собирање потписи против експропријација на земјиште во атарот на селото, каде според најавите на Владата ќе се градат туристички развојни зони. Оваа одлука била донесена на собирот на мештаните одржан викендов, на кој уште еднаш бил изразен револт од односот на надлежните институции. Тие бараат објаснување за која цел државата сака да им одземе 290 хектари најатрактивно земјиште на охридкото крајбрежје.

„Револтот е уште поголем ако се знае дека во последните 50-60 години никогаш не била спроведена ваква масовна експропријација, а при тоа да има таков пасивен однос од страна на надлежните органи пред се од Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, кои до сега не најдоа за сходно да му објаснат на населението за што е потребна една ваква големa експропријација. Од тие причини одлучивме да закажеме нов собир на жителите на с. Љубаништа на 31. Јануари на кој ќе бидат повикани потпретседателот на владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт Миле Јанакиески и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Доколку не се одзват на оваа покана, следува граѓанска непослушност.“-велат од Координативно тело на с. Љубаништа.

Непосредно пред Нова година, владата изврши пренамена на речиси еден милион и седумстотини илјади метри квадратни земјоделско земјиште во градежно, за изработка на урбанистички план за изградба на уште една, втора туристичка развојна зона во Љубаништа. Претходно беше спроведена постапка за експропријација на голем имот на црквата за изградба на туристичка развојна зона Љубаништа 1, на што се спротистави Дебарско – кичевската епархија, која го загуби случајот кој го покрена пред Управниот суд.

Г. Момироски