Насилството врз докторите не смее да се толерира, тоа е цивилизациски неуспех. Токму затоа неопходно е докторите и здравствените работници да имаат посебен статус кој правно треба да се регулира како предуслов инцидентите  да не се третираат како обични конфликти и напади, велат од Лекарската комора на Македонија од каде најостро ги осудуваат се почестите вербални и физички напади врз докторите на нивните работни места.

– Потребна е посебна правна рамка со која ќе се обезбеди поголема заштита на докторите и здравствените работници при укажувањето на здравствената заштита. Како професионална асоцијација потребата од ваквиот концепт ќе му ја предложиме и на ресорниот министер веднаш по конституирањето на новиот кабинет на Владата”, потенцираат од комората.

До Лекарската комора на Македонија во изминатите неколку месеци биле доставени повеќе дописи од доктори на медицина во кои тие известуваат дека при укажување на здравствена заштита на нивните работни места се почесто биле напаѓани вербално и физички од страна на пациентите или нивните најблиски. Комората е категорична дека со насилството врз докторите на медицина им се нанесува голема штета и на самите пациенти.

Лекарската комора на Македонија цени дека е неопходно да се работи на враќање на довербата меѓу пациентите и докторите и апелира до здравствените работници максимално да се ангажираат и да имаат трпение во работата со пациентите.

OhridNews