Општините Охрид, Струга, Дебрца, Кичево, Дебар, Центар Жупа и Вевчани ќе бидат презентирани на отворената изложба во предворјето на Подрачното одделение на Државниот архив во Охрид по повод 9-ти јуни, Меѓународен ден на архивите. Изложбата ќе се одржи во периодот од 6-10 јуни.

Директорот на институцијата, Никола Митровиќ Бабе вели дека како Подрачно одделение имаат доста документација поврзана со овие седум општини од која дел ќе биде презентирана токму на оваа изложба.

Станува збор за архивска недела во предворјето на Охридскиот архив каде ќе поставиме неколку паноа. Секое засебно ќе прикажува одредени документи од општините кои Архивот ги покрива. Охридскиот архив покрива седум општини и ќе имаме седум паноа. Изложбата ќе биде од отворен тип и секој кој ќе сака да ја погледне истата ќе може да дојде, додава Митровиќ.

Истакнува дека со оваа изложба ќе се прикаже и дека работата на Архивот е пошироко од подрачјето на Охрид каде е и сместен истиот, бидејќи се има впечаток дека Охридскиот архив чува вредна документација само за градот Охрид.

Токму со изложбата ќе покажеме дека Охридски архив всушност е Подрачно одделение кои ги покрива сите седум општини. Затоа и почнуваме со промоција и на другите општини, додава Митровиќ.

Инаку денес во Архивот за првпат беше предадена и документација од Капетанија на пристаништа, а како што нагласува Митровиќ една од основните дејности на Архивот е прибирање на стари документи од институциите во овие општини.

Капетанијата за првпат предава документација за период од 1945-2000 година во средна форма. Тој фонд ќе оди на обработка, а потоа ќе може секој истажувач кој има интерес да го користи, па може ќе произлезе и некоја монографија или научен труд од сето тоа, додава директорот.

Н.С.Ј.