Вечерва во рамки на 15-то издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца од 20:30 часот ќе биде прикажан документарниот филм „300 години саат кула – чувар на времето во Охрид“ во продукција на Охридњуз, а работен по сценарио и режија на Горан Момироски.
„Град без Сат кула не е град, а ако Саат кулата не работи тоа значи дека нешто не е во ред со градот“, вели електро инженерот во пензија Борис Упевче во документарниот филм.
Филмот што е реализиран со поддршка на Општина Охрид открива до сега малку познати детали за Саат кулата, која е една од најстарите во земјава. Ова е приказна за нејзината историја, архитектура и значење. Но пред сè – приказна за времето. И за луѓето што одбиваат да дозволат тоа да ја избрише меморијата на градот.
Документарниот филм премиерно беше прикажан на свеченоста по повод големиот јубилеј на охридската Саат кула, што се одржа на 29 мај во организација на ЛК Лихнидос од Охрид, а на иницијатива на историчарот Никола Митровиќ – Бабе.
По прикажувањето на филмот во рамки „На зајдисонце“ ќе следи настапот на пејачката група и оркестар на „Ѓердан од бисери“ под уметничко раководство на Татјана Узуноска – Тренеска.
„На зајдисонце“ во Трпејца се одржува во периодот од 20 до 28 јули под покровителство на Општина Охрид.
OhridNews













