Пред повеќе од два месеци во Центарот за култура „Григор Прличев“ охриѓани имаа можност премиерно да го проследат документарниот филм „Бриљанти“ од авторот Ѓоко Симјаноски.

Во него се раскажува за охридскиот вокално-инструментален состав „Бриљанти“, кој постоел од 1965-та до 1972-ра година и кој ги забавувал охриѓани на тогашните игранки организирани во хотелите „Палас“ и „ПТТ“.

Приказната за овој документарен филм доаѓа од едноставна причина што случајно на интеренет беше поместен исечок од весник од пред 50-тина години, во кој што пишуваше дека гостите на езерскиот брег покрај Охридското Езеро ги забавувала група од четири млади момчина во состав  Димче Чалоски, Емил Рашити, Никола Георгиески и Сотир Каралиев. Се одлучив да направам филм во кој повторно на едно место би ги собрал членовите на групата. Ретко кој знаеше дека на овие простори во 60-тите години, имало состав кој свирел забавна музика. Беше тоа причина повеќе да се зафатам и да го направам овој документарен филм.“ – вели Ѓоко Симјаноски.

Како што објаснува Симјаноски, филмот е проткаен со многу фотографии од 60-тите години во Охрид, а делото претставува документ кој ќе остане да говори за постоењето на музичкиот состав „Бриљианти“.
 
Се сретнавме во Св. Стефан, онаму каде бендот ја создаде својата кариера. Интересно е што по изминати 48 години, членовите на составот за прв пат повторно седнаа на иста маса за да проговорат за своите спомени додека постоела групата. Зборуваа за нивните почетоци, за тоа дали и колку било тешко да се стигне до музичките инструменти и опрема. Приказната од тоа време сакав да ја поврзам со сегашноста, со тоа како тие живеат сега и дали сеуште ја имаат истата љубов кон музиката. Само еден од нив е се уште активен во музиката и дел од групата „Билјана“, додека на останатите во сеќавање им останала музиката на едно време кога се било поинаку. Сето тоа беше приказна, која му даде навистина убав момент на целокупниот документарен филм.“ – објаснува Симјаноски.

Покрај ова филмско остварување, зад охридскиот автор се наоѓаат филмовите „Охридско парадизо“, наменски емисии за композиторот Енвер Рашити и филмот „Живот како виножито“. Пред половина година, познатиот филмски критичар ја оствари својата јублејна 700-та емисија „Филмско око“, која веќе 16 години се емитува на една локална телевизија.

Од самиот почеток, никогаш не сум помислил да се натпреварувам или да ги бројам емисиите. Но сепак да се направат толку многу, навистина значи нешто. Нивната основна намена е едукативна, односно пренесување на сопствената љубов кон филмот на гледачите. Не е во прашање емисија која следи што е најактуелно во светот, туку преку неа се наврќаме назад во времето. Како една ретроспектива со потсетување за најдобрите филмови и актери низ времето. Сакам да ги запознам младите за нив, да ги потсетам љубителите на филмот, дека истиот не е само забава, туку нешто повеќе од тоа. Се надевам дека емисијата ќе оди и понатака се додека има интерес кај гледачите. Ќе ја тераме, како што се вели, додека не носи здравјето.“ – вели охридскиот филмски критичар.

За македонскиот кинематографија, Симјаноски вели дека е во фаза кога се снимаат поголем број филмови за разлика од порано. Според него, во земјава потребно е да се создадат филмски остварувања наменети за домашната публика.

Во последно време со доаѓање на неколку нови режисери, повторно започнаа да се снимаат македонски филмови. Манчевски направи најголем пробив со освојувањето на „Златниот лав“ во Венеција за филмот „Пред дождот“. Но сега, потребно е да се направи дело кое треба да ја освои македонската публика, со теми кои се блиски до Македонецот. Освен комедијата „Мирно лето“ од 1961-ва година, ниту еден друг македонски филм не припаѓа на овој жанр.“ – истакнува Симјаноски.

За крај, нашиот соговорник вели дека секогаш е расположен да направи нова приказна слична на оваа посветена на охридските „Бриљанти“.

O.T.