На денес одржаната 14- та седница на советот опозицијата со низа заблешки околу предлог- одлуката за изменување и дополнување на општинскиот буџет, како и за предложените измени на програмите, меѓу кои и од областа на детската заштита , културата, образованието и социјалната заштита.
Како што изјавија советниците од опозицијата, свесни се дека измените се предлагаат поради намалените приходи во општинската каса, но како што велат, за тоа требало да се размислува при носењето на новите годишни програми за работа во јуни.
– Станува збор за лоша проценка, односно планирање на буџетот. Во јуни беше донесена нова програма во која еден од капиталните проекти беше и изградба на спортска сала во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Денес се брише таа ставка, како и ставката за осовременување на проектот за физичка култура, проект кој се реализираше и во кој беа вклучени стручни лица во наставата по физичко образование во основните училишта и градинките, поради откриените деформитети кај децата, вели советникот Јоне Станкоски.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Донев со одговор дека измените се последица на помалите приходи во буџетот поради враќањето на дел од наследениот долг на општината и дека измените не значат дека програмите во иднина нема да се реализираат.
– Со доаѓање на новата локална власт заврши претходниот начин на работење преку компензации и цесии , се враќаа средства поради наследениот долг од претходната власт, па од тие причини и се вршат денешните измени на програмите и буџетот. За проектот во училиштата- едно е да се реализира проект, но за тоа треба средства. Сите тие кои беа претходно ангажирани и ден денес ги бараат своите надоместоци за ангажманот. Така не се реализираат проекти. За тој проект веќе е започната постапка во министерството за труд и социјална политика. Ние не се откажуваме, но проектот ќе се реализира кога ќе се обезбедат потребните финансиски средства, изјави Донев.
Ацо Китрозоски- раководител на одделение буџетска координација, појаснува дека согласно Законот за буџет, за изработка на ребаланс односно измени и дополнувања на буџетот се пристапува при поголеми или помали остварувања на приходите зацртани во буџетот.
– Очекуваниот приход од надоместокот на уредување на градежното земјиште, првично беше преценет, имајќи го предвид фактот дека оваа година имаше локални избори, но на малото остварување на приходите влијаеше и фактот што по доаѓањето на новата локална власт, согласно Законот за платен промет, се стопира практикувањето на пресметките, односно цесија, асигнација и компензација што значително придонесе за намалувањето на остварувањето на овие приходи, вели Китрозоски.
Мнозинството советници не го прифатија предлогот на опозицијата, на денешната седница да се расправа за двете точки од областа на урбанизмот кои беа повлечени на 12- та седница.
Т.К.