Вкупниот долг на Ј.П. „Билјанини извори“ изнесува 14.192.859 денари, утврдила внатрешната ревизија, извршена по доаѓањето на функција на новиот раководител на јавното претпријатие, Иван Цветкоски.
– За жал сликата не е ни малку позитивна, што ќе видите и од презентираните финансиски показатели:
– Данок 790.000,00 денари
– 4 неисплатени плати 4 820.000,00 денари
– Управен и надзорен одбор 1 400.000,00 денари
– Струја 6 423.878,00 денари
– Доверители 758.981,00 денари
Или вкупно, долговите на јавното претпријатие „Билјанини извори“ изнесуваат 14 192 859,00 денари.-изјави Цветкоски на прес-конференцијата посветена на актуелните состојби во претпријатието.
Иван Цветкоски
Тој истакна дека во наредниот период јавното претпријатие ќе пристапи кон сериозна анализа која би довела до изготвување на акциски план за санација на препријатието.
-Ова препријатие треба да е столб на спортот и развојот на спортот во Охрид и поради тоа треба максимално да се ангажираме и да не дозволиме уште еднаш да дојдеме до ова ситуација. Од минатата недела заедно со Локалната самоуправа секојдневно работиме кон изнајдување на решенија кои трајно ќе ја осигураат иднината на препријатието. За тоа е потребна сериозна реорганизација, посветеност на вработените и секако подобрување на инфраструктурата.-рече Цветкоски.
Коментирајќи ги барањата на синдикатот кој му даде рок од 100 часа да го реши проблемот со неисплатените 4 плати, Цветкоски истакна дека ги поддржува барањата на вработените, но проблемите со кои се соочува јавното претпријатие не можат да се решат ниту за еден ден, ниту за 100 часа. Во тој контекст Цветкоски најави дека неделава на вработените ќе им биде исплатена една од заостанатите плати за месец јануари.
Директорот Цветкоски посочи дека во јавното претпријатие има превработеност, поради што деновиве во тек е реорганизација на работните места со цел да се подобрат капацитетите на „Билјанини извори“.
-Во јавното претпријатие има 43 вработени на неопределено време и десет на определено време чии договори завршија на 2-ри мај. За плати и придонеси на вработените месечно се потребни 1.150.000 денари, а во моментов вкупните приходи на месечно ниво изнесуваат од 500 до 600.000 денари.-рече Цветкоски. Тој подвлече дека не се размислува за отпуштање на вработени во овој момент, но дека од сите во претпијатието ќе се бара сериозен пристап кон работата и користење на современи вештини за што ќе отпочне процес на обука и доедукација. „Нема да има толеранција кон никого што нема нема да ги извршува совесно работните задачи“, додаде Цветкоски.
Тој истакна дека раководството на јавното претпријатие е во перманентен контакт со градоначалникот Бакрачески со цел да се изнајде излез од тешката финансиска состојба, која дополнително ќе ја анализираат и УЈП, други инспекциски служби и истражните органи.
-Краткорочно со стопанисување со паркинзите јавното претпријатие може да ја надмине сегашната неповолна состојба, но долгорочно потребна е стратегија за искористување на спортските потенцијали. За таа цел побаравме премер за да знаеме со кој простор и терени располага спортскиот центар, рече Цветкоски.
Тој истакна дека во иднина ќе се разгледаат и договорите за долготраен закуп на делови од спортскиот центар, изнесувајќи лично мислење дека тие се штетни и дека и спортските работници и клубовите и градот, но и јавното претпријатие би имале поголема корист доколку со терените на спортскиот центар располага и стопанисува јавното претпријатие.