Почитување на еколошките стандарди во поглед на урбанизмот, бучавата, јавната чистота и обновата на колекторот, се заложбите на советничката листа од ДОМ во Охрид, предводена од Летка Филипова.

Како што истакна на денешната прес-конференција претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, урбаната експанзија што се прави во Охрид, целосно го гуши туризмот на градот под Самоилавата тврдина.

Недозволиво е во срцето на стариот град да се градат четирикатници  и тоа непосредно до самиот амфитеатар. Некои работи едноставно не се дозволливи независно дали некој домашен или странски инвеститор тоа го посакува. Еколошките стандарди треба да важат за сите. Тоа треба да важи и во срцето на Охрид, каде градот е заштитен со закон. Меѓутоа треба да важи и за целото крајбрежје. Загрижени сме како ќе се изведи комплексот најавен во Љубаништа и дали еколошките стандарди доследно ќе се почитиваат. Затоа што тоа бара сериозни студии за да се знае колку тони отпад дневно ќе се произведува, колку тони отпадни води ќе се продуцираат и каде сите тие ќе одат.“ – изјави Поповска.

Според Поповска, историскиот мир во Охрид е нарушен во текот на летните месеци преголемата бучава.

Охрид со таа бучава ја губи душата и тоа исто така е еколошко прашање. Неслучајно граѓаните, родителите беа организирани и одеа по терен од кафуле до кафуле, да се смири музиката и да се  воспостави една нормална атмосфера. На ваков начин, едни на други си пречат, никој не ужива, ниту туристите, ниту газдите можат да имаат аир од таквата пресилна бучава. На крајот зијан сме сите.“ – истакна Поповска.

Таа додаде дека ДОМ во општина Охрид ќе излезе со своја советничка листа, додека партијата ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници од редовите на коалицијата „За подобра Македонија“.

Овде излеговме со сопствена листа, како што излеговме во 43 места во Македонија. Нашата листа во Охрид ја носи Летка Филипова, заедно со екипата од извондредни луѓе. Летка ја познаваме како голем човек, голем хуманист  кој што помага на секого и се бори да им помогне и на луѓето и на природата.Така да, внатре во советот ќе имате една група екологисти посветени да работат за доброто на граѓаните.“ – додаде Поповска.

OhridNews