Дневен центар за стари лица, а особено Дом за стари лица час поскоро им се потребни на пензионерите од Охрид, Дебрца и регионот.

Формално официјализирана во документ иницијативата за Дом за стари лица од Групата за грижа и поддршка на старите лица која функционира во рамки на Црвен крст Охрид денес беше презентирана на Отворениот ден организиран по повод одбележувањето на Неделата на грижа за стари лица.

Претходно имаме доста дискутирано околу потребата за изградба на Дневен центар за стари лица, а особено за Дом за стари лица. Сите знаеме дека час поскоро на Охрид и Дебрца и регионот им се потребни Дневен центар и Дом за стари лица. Имаме пишани материјали и на одреден начин денес го означуваме и почетокот на едно сериозно проектно размислување за да почнеме да градиме и Дневен центар, но особено Дом за стари лица. Веќе имаме оформен документ каде покрај сите други работи и предлози и иницијативи се дава предлог за Дневен центар и Дом за стари лица и тој е нормално да биде прифатен како една сериозна иницијатива. Сакаме да укажеме на локалните заедници на оние кои раководат и носат одлуки дека навистина имаме потреба од Дом за стари лица, вели волонтерот и координатор на Групата за грижа за стари лица, Љупчо Милкоски.

Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков потенцира дека станува збор за група волонтери кои меѓусебно се дружат, креативни се и работат со свои врсници, сограѓани и од Охрид и Дебрца на кои им помагаат и со раговор, со конкретна материјална помош, со носење на одредени производи, набавка на лекови и други средства.

Оваа група е многу креативна, корисна и потребна, но велат се огорчени што градот нема Дом за стари лица. Нивна иницијатива е, која ќе се поднесе и до локалната самоуправа, Охрид конечно да добие еден Дом за грижа за стари лица за да на некој начин оние кои живеат сами, кои се запоставени и имаат тешкотии да опстанат секојдневно, некој да се грижи и за нив, додава Точков.

Во неделата под мотото „Сите сме нивни деца“ даваме еден печат на тоа се што го правиме како една специфична програмска група во Црвен крст Охрид која што активно работи осум години, „старите за старите лица“, вели Горка Донеска, корелатор на Групата за грижа за стари лица формирана во 2015 година.

Секој понеделник се слушаме со нашите корисници и во зависност од тоа што треба да им се помогне делуваме. Некои од нив кои немаат никакви проблеми доаѓаат овде во просториите на Црвен крст и заедно работиме. Во групата сите сме постари, над 65 години. Секоја недела правиме распоред, помагаме секаде каде треба,  се вклучуваме во еколошки акции, соработуваме со децата во училиштата со тоа што распишуваме наградни конкурси за ликовни и литературни творби, одржуваме и медицински предавања со доктори од нашите болници, соработуваме и со Здружението на пензионери, одиме на домашни посети за време на празници и по потреба. Пензионерите се среќни се што имаат и со кого да разговараат, потенцира Донеска.

Бројката на лица опфатени со Програмата грижа за стари лица достигнува до 60-70 од Охрид и Дебрца.

Инаку, Неделата на стари лица традиционално се одбележува во ноември, оваа година од 20 до 26-ти.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски