Секторот за внатрешни работи Охрид, поднесе кривична пријава против 41- годишно лице од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, а од страна на истражен судија му е одредена мерка домашен притвор до 30 дена.

На 30-ти декември, во 17 часот и 40 минути, на регионалниот пат Струга-Дебар кај Велешта, случена е сообраќајна незгода со смртни последици, во која сега пријавениот,  управувајќи патничко моторно возило марка „Пасат“ со австриски регистарски таблици го удрил  пешакот Назиф Ж.(82) од Велешта кој се движел покрај патот.

Наместо да застане и укаже помош, возачот на автомобилот го напуштил лице местото, а возилото го сокрил во куќниот двор. За незгодата што ја предизвикал, тој не им кажал ниту на  членовите на неговото семејство.

Наредниот ден, се обидел со китирање и фарбање на возилото да ги сокрие трагите на оштетените делови и извршил делумна санација на истите.

При извршен претрес во домот на пријавениот, во гаражата е пронајдено патничкото возило со кое е предизвикана сообраќајната незгода, како и предмети со кои се обидел да ги санира трагите од предизвиканите оштетувања.

Истите се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

OhridNews