Ракометниот клуб Охрид, на втората позиција со само бод помалку од водечката екиоа Металург ја заврши првата етапа од ракометната Супер лига. „Гладијаторите“, во целост ги исполнија очекувањата и целите  на клубот пред стартот на сезоната, пласирајќи се во разигрувањето за титулата во македонскиот ракометен шампионат.

Избраниците на Раде Стојановиќ во 14-те одиграни натпревари забележаа 12 победи, еднаш ремизираа и еднаш претрпеа пораз. Од вкупно 12те победи, Охрид седум ги извојуваа на домашен терен, додека преостанатите пет се обезбеди на гостински терен. Охридските ракометари, можат да се пофалат со перфектен скор на домашен терен како никоја друга екипа во Супер лигата. Во СРЦ „Билјанини Извори“, паднаа Работнички, Радовиш, Бутел Скопје, Металург 2, Пролет, Пелистер и Вардар Јуниор.

На гостински терен, Охрид победи против Пелистер, Вардар Јуниор, Струга, Работнички и Радовиш. Ремизираше со лидерот на табелата Металург, а изгуби во првата рунда од новата сезона од Пролет.

Ако домашниот терен е заштитен знак на охриѓани, тогаш, играта во одбрана е адутот во суперлигашките натпревари. Охрид ја има најдобрата одбрана која има примена 313 голови во 14-те одиграни мечеви. Најблиску до Охрид е тимот на Бутел Скопје кој примил 340 погодоци, а потоа следуваат Металург со 350 примени погодоци и Пролет со 371.

Нападот на Охрид е четврти во рангирањето после првата етапа. Повеќе погодоци од Охрид (404) имаат реализирано Металург (486), Пролет (440) и Радовиш (412).

Во целина, Охрид не мора ништо да промени за втората полусезона и мечевите од плејофот, туку само да ја задржи формата и со помош на охридската публика да војува на теренот со ривалите.

Мх.П.