Во домовите на охриѓани, можат да се сретнат различни видови на кучиња, мачки, папагали и други специфични миленици кои не се карактеристични за нашето поднебје. Веќе 5 години, нашиот сограѓанин Никола Паскали одгледува кучиња, а 3 години постои неговата одгледувачница на италјанската врста „Кане Корсо“. „Првото куче го имав во 2007 година. Во моментов како дел од нашата одгледувачница , чуваме 2 женки и еден мажјак, а до сега имаме извадено легло од 7 кучиња. Кога кутрината ќе наполнат две недели, се прочистуваат од глисти, а на две месечна возраст кога се спремни да се оделат од мајката, ја примаат првата вакцина. “ – вели нашиот сограѓанин Никола Паскали.
Овие домашни миленици бараат многу внимание, а доколку човек не е подготвен за новиот член во семејството, не треба да се нафаќа да чува миленик. За кучињата треба посебна грижа, а неопходно е секојдневно шетање од околу 30 минути. „Во зависност од човекот, кучината може да се чуваат и надвор и внатре. Сепак, препорачливо е кучето да се чува во што поприродни услови кои се блиски за него. Нивното крзно е доволно дебело, кое ги штити од студените зимски денови. Основната хигиена е редовно чешлање и отстранување на паднатите влакна. Доколку ги капиме со шампони, им наметнуваме вештачки мириси кои по природен пат го предизвикуваат лачењето на карактеристичниот кучешки мирис. Четкањето на забите е по избор, а природен начин е преку коските и препаратите за гризење“ – потенцира Паскали.
Во зависност од расата, кучињата како и човекот имаат различен темперамент. Сепак, нивната агресија не е вродена, туку е продукт на човекот. Дресурата е еден од најбитните чекори, кои се преземаат уште во „детството“ на нашите миленици. „Обично помалите раси се поагресивни. Виновни за тоа се самите сопственици, бидејќи им попуштаат повеќе, што во подоцнежниот живот носи агресија. Дресурата може да биде професионална и домашна, а најбитна е дисциплината која се наметнува уште од самото земање на кучето.“ – додава Паскали
Најдобриот начин за исхрана на милениците е природната храна. Но модерната ера во која што живееме, ја наметнува вештачка храна како главен извор на прехранување. Таа не треба да се подготвува, а ги содржи сите витамини кои се добри за здравјето на кучето. Охриѓанецот Бале Дуклевски, повеќе од 3 години го поседува своето куче Тара, од расата Кане Корсо. „Оваа раса е многу приврзана со сите членови на семејството и нивните пријатели. Имаат големо почитување кон луѓето, а познати се по својата мирољубивост. Во мојот случај, Тара е дел од семејството. Првата вакцина ја доби после 2 месеци. Кучето редовно се шета, но од неговата големина многу луѓе се плашат. За секое куче мора да се одвои време за хранење, играње и шетање.“ – вели Дуклевски.
Од естетски причини, голем број кучиња имаат засечени односно купирани уши и опаш. Многу поборници за животните се против овој моден тренд, што кај некои миленици предизвикува трајна траума. „Иако моето куче има купирани уши, јас сум строго против тоа. Таа болка низ која помина нашето куче, не можеше да ја поднесе ниту еден член во семејството. Некои кучиња имаат и трајни трауми од овие зафати кои се прават од естетски причини. Кога сме кај болестите, кај оваа раса карактеристична е појавата на трет очен капак, кој се отстранува со хируршка интервенција. Исто така, постојат голем број на генетски и кожни болести, кои се појавуваат поради нехигиенски услови на чување.“ – додава Дуклевски.
За крај, овие наши сограѓани го потенцираат проблемот со ветеринарните услуги кои се нудат во градот. Според нив, во Охрид не се врши анализа на крвта кај кучето, со која може да се постави дијагноза за конкретна болест. Проблем претставуваат и несовесните граѓани, кои поради кучињата скитници фрлаат отров на секаде. „Овие отрови се фрлаат по парковите, кои можат да имаат трагични последици и кај малите деца. Кај нас не постои институција која соодветно ќе ги згрижи кучињата скитници, поради што најчесто се фрлаат овие отрови. Исто така, сметаме дека без разлика на големината и расата на кучето, сите треба да носат заштитни маски, со цел да се обезбедат оптимални и безбедни услови кога кучето се шета.“