Домот за стари лица во населбата Далјан е изграден и во најскоро време се очекува да биде ставен во функција. Објектот покрај сместувачкиот капацитет, има можност и за дополнителни здравствени услуги, истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
При сам крај е тој објект. Покрај сместувачкиот капацитет, односно грижата за старите лица има можност и за болница во самиот објект врз основа на урбанистичкиот план до 30% во компатибилните намени, така да инвеститорите разгледуваат различни варијанти во кои што и ние како град нормално имаме интерес да бидеме вклучени за сето тоа да биде побрзо ставено во функција. Ќе почекаме во наредните месец два би требало да има некаква разврска по однос на стартот на работата на Домот за стари лица, односно да имаме некој предвидлив датум на почеток, рече Пецаков.
Посочи дека Општина Охрид и државата го поддржале проектот, меѓу другото и преку субвенционирање на комуналиите.
Од наша страна инфраструктурно се уредуваше земјиштето во оваа година дена, заедно со приклучокот на струја, на канализација, вода и сите оние потребни за инфраструктурни зафати за тој објект конечно да профункционира. Тоа е објект кој е навистина потребен, не само за Охрид, туку и за регионот. Капацитетот, изгледот, опременоста и современите услови го прават, би рекол, едно од подобрите нешта во Македонија во овој момент, додаде Пецаков.
Инаку, во Охрид на почеток на месецов беше отворен и Центар за дневен престој на стари лица.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска












