ЛК „Лихнидос“ и компанијата „Комфи Ангел“ од Прилеп ќе донираат 15.000 медицински маски за сите ученици во основните училишта во Охрид, кои ја посетуваат наставата со физичко присуство.

Од Одделението за образование добив податок дека во вкупно осум основни училишта во градот и во музичкото училиште наставата ја посетуваат 2.335 ученици, плус 20 деца кои секојдневно одат на часови во Здружението за лица со аутизам “Во мојот свет”, како и лицата од Дневниот центар “Зраци”. Донацијата предвидува секој ученик да добие по пет заштитни маски, а децата со аутизам и лицата со интелектуална попреченост барем по десет. – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на акцијата.

Компанијата Комфи Ангел ја води неверојатен тим, вели професорот Тунтев. Штом разбраа за каква намена се заштитните маски, веднаш ни ги испратија по брза пошта, и тоа без никаква финансиска надокнада, додаде тој.

Инаку, нашата соработка со оваа компанија од Прилеп трае многу години. Заедно сме помагале при опремување на повеќе одделенија во Охридските болници, градинки и во неколку манастирски комплекси. Конечно, Комфи Ангел беше првата компанија што со еден телефонски разговор експресно ни испрати 400 комплети постелнина, кои со охридски “Галеб” ги дистрибуиравме во селата од скопскиот регион само еден ден после страшните поплави во август 2016 година. – потенцираше професорот Тунтев.

Дел од донацијата веќе пристигна во Охрид, а во текот на денот се очекува да пристигнат и преостанатите маски кои ќе бидат дистрибуирани до основните училишта во градот.

OhridNews