Денеска на градскиот плоштад во Охрид започна донаторската акција на локалниот Ротаракт клуб, чија цел е прибирање средства за настраданите во поплавените подрачја во Србија и Босна и Херцеговина.

Од Ротаракт клубот Охрид велат дека одзивот кај граѓаните за оваа акција е голем, а на пунктот на градскиот плоштад, охриѓани можат да донираат храна, вода и парични средства.

„Ние сочувствуваме со сите граѓани на Србија и Босна и Херцеговина и искрено имаме многу добри и блиски другари таму. Засега е поминат еден час и навистина сме задоволни од одзивот на граѓаните. Собрани се околу 150 литри вода и храна, а охриѓани покажаа уште еднаш дека се хумани. Се надеваме дека во текот на денот, но и во наредните два, ќе продолжат со нивните донации.“ – вели Драган Здравески од Ротаракт клубот Охрид.

Донаторската акција која е во тек, ќе се одвива и во наредните два дена на градскиот плоштад во периодот од 12:00 до 18:00 часот.

OhridNews