Собранието на Република Македонија во рамки на продолжението на 77-та седница ги донесе измените на Законот за работни односи. Опозицијата обвини дека со нив се кратат правата на работниците, што беше отфрлено од страна на владејачкото мнозинство и претставниците на ресорното министерство, пренесува „Макфакс“.

Со новите предлози кои претходно беа ставени на собраниска расправа за Законот за работни односи, предвидуваат рокот од три да се продолжи на 18 месеци во кој работодавачот ќе може да му даде отказ на работникот, доколку истиот направил прекршок на работното место

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека практиката покажала оти наведените рокови за застареност се кратки и дека постои потребата од зголемување на роковите.

За опозицијата, пак, предложеното законско решение е ново кратење на работничките права и со него му се дава можност на работодавачот да го отпушти работникот една година по направениот прекршок.

„Измената треба да се повлече, затоа што ваквото законско решение не е во полза на работниците. Измената на Законот е во интерес на работодавачите“, рече Цветанка Иванова од најголемата опозициска партија СДСМ; додавајќи дека во изминатиот период постојано се кратат работничките права.

Илија Димовски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не се согласи со тврдењето дека во изминатиот период постојано се намалуваат работничките права, за што, според него, потврда претставува воведувањето на минималната плата и низа други законски решенија.

Заменик министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, истакна дека решението коешто се предлага е разгледано на Економско-социјалниот совет во кој членуваат и работодавачите и синдикатите. „Најдовме решение кое беше прифатено од двете страни“, нагласи Ибрахими.

OhridNews
извор:„Макфакс“