В.д. градоначалникот Константин Георгиески во недостиг на идеи, проекти и желба за работа се фали и ја замајува јавноста со процедурални активности кои тој и да не сакаше, стручната администрација и истражните органи мораа да ги преземат, рече на денешната прес конференција претседателот на општинската ВМРО ДПМНЕ, Сашо Донев.

  • Го повикуваме Георгиески да одговори: Кој овозможил исплата на финансиски средства од Буџетот на РМ на лица кои не се баратели на штети? Георгиески наместо стабилна и услужна општина за сите граѓани дозволи неа да ја треси финансиски земјотрес. Дали е точно дека спротивно на закон, се исплатени парични средства на име надомест на штета од земјотрес, во износ од над 30.000 денари, на лицето Илија Пиперкоски, „шеф на кабинет на градоначлникот“ кој е надворешно лице ангажирано во општина Охрид, иако не е подносител на барање за причинета штета од земјотресите во Охрид?, праша Донев.

ВМРО-ДПМНЕ го советува в.д. градоначалникот доколку работи во интерес на граѓаните да побара од Пиперкоски, да ги врати назад исплатените без основ парични средства.

– Дали случајно епицентарот на земјотресот беше лоциран во куќата на Илија Пиперкоски, на кој му е проценета и исплатена драстично повисока штета во споредба со другите граѓани на кој им се исплатени по 2.000 до 3.000 денари? Охриѓани најтранспарентно треба да знаат кој колку пари зел за оштета. Дали исплатите се вршат на лица кои од позиција на моќ даваат налози за такви исплати?, рече Донев.

Тој додаде дека СДСМ и Георгиески се однесуваат како општината да е нивна приватна фирма, па исплатата на штетите оди по партиска основа. Бараат одговорност, како што велат, затоа што најмногу страдаат охриѓани кои и после две години не зеле пари за да ги санираат објектите.

OhridNews