Опрема за заштита од урнатини и сообраќајни незгоди од потежок карактер, како и опрема за спасување од поплави која се состои од различни агрегати, пумпи … беше донирана од страна на Дирекцијата за заштита и спасување – ДЗС на ТППЕ во Охрид и Струга.

Директорот на ДЗС, Беким Максути истакна дека со опремата ќе се овозможи двете општини да се справат полесно со сите елементарни непогоди и други несреќни случаи.

При крај сме за набавка на противпожарни возила заедно со пумпи, кои се теренски и ќе ги користат 14-те републички сили за справување со пожари, односно за прв одговор на пожари на отворено. Целта е да сме што поподготвени да се справуваме и со пожарите кои секоја година се во се поголем број. ДЗС ќе продолжи да помага и инвестира во различни области кои ги засегаат општините.  Посебно овој регион ни е многу битен затоа што веќе имаме проект со Општина Струга и Либражд преку ИПА фондовите и сме во добра кондиција, се надевам на истиот ќе имаме и продолжение и ќе го прошириме со Општина Охрид се до Свети Наум за да може крајбежјето на Охридското Езеро да биде заштитено од пожари и други елементарни непогоди, рече Максути.

Потенцираше дека многу битен е човечкиот фактор, додавајќи дека може да се има и најдобрата опрема, но потребни се и луѓе кои се обучени, кои имаат желба да соработуваат и искажат помош кон нешто што е заедничко за сите граѓани.

Ние мораме одговорно да се однесуваме уште од првиот чекор од нашиот дом.  Мислам дека располагаме со обучен кадар, но и правиме напори, секојдневно имаме обуки со различни институции посебно за мерката пожар. Не престануваме во обука на кадри и сите оние кои бараат помош од ДЗС, додаде Максути.

Како Општина Охрид во изминатиот период почнавме да вложуваме во пожарната посебно во оспособување на возила кои не функционирале претходно, а секако дека и во наредната година ќе го зголемиме тој дел од помошта за ТППЕ и зголемување на капацитетите и сите оние работи кои се потребни за нормално функционирање, рече градоначалникот Кирил Пецаков.

Со директорот поразговаравме за опремување со облека и со соодветна опрема за на терен како за шумски пожари, така и за теренски активности да можеме заеднички да вложиме во наредниот период. И се надеваме дека веќе од наредната година ќе имаме ако не максимално барем приближно до максимално опремена противпожарна единица која ќе може во секое време да реагира. Оваа донација е значајна и за Охрид и Струга зошто станува збор за два блиски града и се случува често за поголеми настани да си помагаме, верувам и сум убеден дека ова ќе ја зголеми ефикасноста на двете противпожарни единици и сметам дека во иднина треба многу повеќе да вложуваме за да имаме максимално спремни противпожарни единици кои ќе можат да реагираат во истиот момент кога ќе е потребно. Според најавата од ДЗС до крајот на септември ќе се набави специјално возило возило кое ќе може да делува во стариот дел на градот, но и за во други тешко пристапни области, додаде Пецаков.

Командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски истакна дека донацијата ќе ја подобри техничката состојба на ТППЕ Охрид.

Знаеме дека Охрид не е ист во зима и лето. Летен период имаме зголемена фрекфенција на туристи, возила, чести соораќајни незгоди. Овој тип опрема дополнително ќе допринесе Охрид да биде побезбедно место за живеење како за граѓаните, така и за туристите. Потребни се возила и опрема и се надеваме во иднина на помош од Општината и од ДЗС со цел да заличиме на европска пожарна. Фалат и 7 пожарникари. Ја покриваме и територијата на Општна Дебрца. Со отвореното доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст“ каде се работи со обука на членовите се надеваме и дека охридската пожарна ќе биде малку растеретена во наредниот период, додаде Јанкулоски.

Н.С.Ј.