_1.jpg)
Набавени се вкупно 500 тифлотенички помагала и тоа: 50 говорни апарати за мерење на крвен притисок, 50 говорни топломери за телесна температура, 70 големи рачни тактилни (браеви) часовници, 40 говорни звучни часовници, 30 мали рачни тактилни (браеви) часовници, 10 звучни рачни часовници, 50 говорни топломери за телесна температура, 50 говорни кујнски ваги за домаќинство, 50 говорни индикатори за течност, како и 50 пакет на игли за шиење за слепи лица и 100 вденувачи за конец за игли за шиење.
„Како надлежно министерство издвоивме 800.000 денари за оваа донација и понатаму ќе продолжиме континуирано да правиме набавки за различни помагала коишто им се потребни на слепите лица во нашата држава. Многу малку од нас се запрашуваат како слепите лица дознаваат колку е часот или како ја мерат грамажата во сопствените кујни и како го мерат својот крвен притисок или телесна температура кога не се чувствуваат добро. Токму поради тоа ги набавивме овие помагала од коишто имаа потреба слепите лица и кое беше долгогодишно барање на Националниот сојуз на слепи за континуирана набавка на опрема којашто ќе траба да им го олесни секојдневието на овие наши сограѓани и едноставно да изнуди насмевки на нивните лица”, истакна министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Тој додаде дека Министерството и понатаму ќе продолжи со реализација на најразлични проекти, нагласувајќи дека додатокот на слепило од 7.000 денари месечно моментално го остваруваат околу 2.500 потполно слепи лица.
Дополнително сите слепи лица остваруваат надоместок за помош и нега од трето лице, во септември се очекува да биде отворен и првиот Дневен центар за слепи дечиња во Скопје, а потоа во 2015 година се планира и отворање на Дневен центар за слепи и во Велес.
Претседателот на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Жарко Селковски се заблагодари на донацијата која што ќе им го олесни секојдневното живеење на слепите и слабовидни лица во Република Македонија.
OhridNews
Извор:Макфакс












