Територијалната противпожарна единица Струга се здоби со 13 специјални заштитни одела, сертифицирани да издржат температури над 600°C.

Донацијата, како што информираат од Општина Струга, е иницијатива на Фаис Етеми, кој е доброволен пожарникар во противпожарната единица во општината каде што живее во Швајцарија и воден од своето искуство, посака да придонесе за своите колеги во родниот крај.

Ваквите донации се од особено значење, бидејќи ја олеснуваат секојдневната работа на пожарникарите и ја зголемуваат нивната безбедност при интервенции во тешки и ризични услови. Ова е првата донација на специјална заштитна опрема за пожарникарите по повеќе од 20 години, што претставува значаен придонес за подобрување на условите за работа и нивната безбедност. Во меѓувреме, Општина Струга ги спроведува завршните процедури за реализација на уште една донација за Територијалната противпожарна единица, која ќе биде обезбедена од партнерска општина од Германија, информира градоначалникот Менди Ќура.

Воедно, упатува благодарност до семејството Етеми за овој благороден чин и за примерот на солидарност и посветеност кон родниот крај.

OhridNews