Противпожарно возило донација за општина Дебрца од тиролската противпожарна бригада, Република Австрија ќе биде дадено на користење на новоформираното Доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст Дебрца”. Со ова се создаваат услови за остварување на противпожарната заштита во општина Дебрца.

Возилото е од огромно значење за општината. Како Општина подолг период размислувавме за подигнување на противпожарната заштита на територија на Општина Дебрца и заедно во соработка со командирот на ТППЕ Охрид Борко Јанкулокси произлезе иницијативата за формирање на доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст Дебрца” кое воедно и ќе биде корисник на ова возило. Во моментов е сопственост на Општина Дебрца, но понатаму со одлука на Советот истото ќе биде дадено на користење на здружението. Целта на формирање на ова здружение и целокупниот проект произлезе од тоа што најголем дел од територијата на општина Дебрца е опфатена со шуми и поради климатските промени кои во последно време се енормни, често доаѓа до пожари на отворено и поради тоа ова возило ќе ни биде од голема корист, вели Даниел Ристески, координатор на проектот.

Ристески изрази благодарност до донаторот, Противпожарната бригада на Тирол, Сојузна покраина на Австрија, и до командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски, кој, вели, е главниот носител на целокупниот проект и двигател на формирање на друштвото. Општината, вели е помагател и координатор во целокупниот процес, посочувајќи на донесувањето на одлуката на претходниот состав на Советот на Општина Дебрца за прифаќање на донацијата и целокупната поддршка на градоначалникот Зоран Ногачески.

Возилото е опремено со целокупна противпожарна опрема која е потребна за почеток на функционирање на противпожарното друштво. Во него се наоѓаат и противпожарни комплети за доброволците на Доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст Дебрца”, противпожарни црева, пена за гаснење, боци за кислород, маски за кислород… Како Општина нема да застанаме, продолжуваме и понатаму во насока на  подигнување на нивото на заштитата од пожари, набавка на опрема…, додава Ристески.

Инаку, доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст Дебрца” брои 15 членови.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска