Замена на надворешната столарија на управната зграда на струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“ и осовременување на депоата, се дел од проектите на Националната установа што треба да се реализираат во текот на годината.

Со реализацијата на проектот објектот ќе се заштити од натамошно пропаѓање со задржување на автентичниот изглед. Следен чекор би бил комплетно санирање и конзервирање на фасадата со што Музејот би го добил целосниот сјај и изглед кој го заслужува како едно значајно културно наследство, истакна Прензоски.
Дел од програмата на Националната установа „Д-р Никола Незлобински“ е и четвртата фаза од осовременувањето на депоата, проект, кој почна да се реализира во 2018 година.
По препокривањето на упрвната зграда, во која се сместени депоата поставена е соодветна изолација, нова електрична инсталација, ламинат, врати… , годинава, како што посочи Прензоски, предвидено е доопремување на депоата со соодветни витрини, плакари, полици, сталажи, рафтови и кутии.
Ќе бидат обезбедени и соодветни микроклиматски услови со поставување клима уреди и одвлажнувачи на воздухот за да се обезбеди максимална заштита во сите депоа. Условите за чување на збирките се од витално значење за да се зачува материјалот за идните генерации и да се минимизира штетата која би настанала од несоодветно депонирање на материјалот, а за што ќе биде потребна скапа конзервација. На тој начин ќе бидат исполнети основните и нормативните заштитни услови, вели Прензоски.
Управната зграда на Музејот „Д-р Никола Незлобински“, претставува Споменик на културата, изграден меѓу двете светски војни во неокласичен стил, во строга симетрија, со барокни влијанија, ограда со балустради и богато декорирани капители. Тој е значаен објект на градската архитектура на Струга. На фасадата има богати декоративни елементи на меѓукатната конструкција, по ободот на целата стреа, како и околу прозорците.
Целокупната музејска збирка од археолошкото, историското, етнолошкото и одделението за историја на уметност и дел од збирката на биолошкото одделение се сместени во музејските депоа, кои се наоѓаат во административната зграда на Музејот „Д-р Никола Незлобински“, поради немање соодветен простор за музејски поставки.
OhridNews











