Процесот на дигитализација на катастарските општини во земјава се одвива според очекуваната динамика. Од вкупно предвидените 800 општини, досега процесот е реализиран во 760, информира директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески кој денес во Охрид оддржа работен состанок со раководните лица на подрачните одделенија.
– Со процесот сите катастарски планови кои се во хартиена форма се дигитализираат, односно преминуваат во електронска форма . За две години колку што треба за да се заврши проектот, катастарот треба да прочисти многу наталожени проблеми од изминатите години. Се работи сериозно, посветено, се направија напредни инвестиции во делот на софтверот кој се користи и од приватните геодетски фирми.Во текот на летниот период се изврши и надградба на електронскиот катастар, изјави Трпески.
Тој додаде дека во оние општини во кои веќе е воведена дигитализацијата, копиите од катастарски план се издаваат на шалтер и геодетските фирми ги подигаат директно преку електронски шалтер, со што забрзано се решаваат овие видови на предмети.
– Елаборатот веднаш се вчитува во системот и истиот се одразува во делот на имотниот лист и графиката, така да можноста од грешки нешто да се запише во имотен лист, а да не биде содржано во катастарскиот план со овој систем е сведена на нула.Општините ќе добиваат стабилна основа за изработка и планирање на урбанистичките планови , рече Трпески.
Тој истакна дека во процесот на дигитализација најголем проблем е обезбедувањето на стручен кадар бидејќи има мал број геодети, но дека постепено проблемите се решаваат.
Раководителката на охридското одделение на Агенцијата за катастар на недвижности, Ана Димитрова, појасна дека до крајот на 2014 година треба да спроведе дигитализација на вкупно 44 катастарски општини на териториите на Охрид и Дебрца, што ќе придонесе кон поголемо скратување на роковите потребни за запишување на правата на недвижностите.
– Се прави комплетно разгледување на сите предмети коишто постојат од формирањето на катастарот, значи од 1937 година до денес комплетно се разгледуваат податоците со кои ние располагаме и се поправаат грешките создадени во текото на работењето.Факт е дека во Охрид ги има многу, меѓутоа, со самиот процес се коригираат сите такви грешки и добиваме комплетно чиста база, изјави Димитрова.
Таа додаде дека во охридскиот катастар повеќе нема нерешени предмети.
OhridNews