На полноќ завршува рокот за собирање потписи за независни кандидатури за Локалните избори 2025, кои се закажани за 19 октомври. Според информациите на Општинската изборна комисија (ОИК) во Охрид официјално досега е поднесена само една кандидатура за независен кандидат за градоначалник.
Рокот е до 13 септември. Откако ќе заврши рокот јавно ќе бидат објавени сите потврдени листи, велат од ОИК Охрид.
Потписите на избирачите во постапката на кандидирање се собираат пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар на образец утврден од ДИК. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на општината и притоа за поддршка на истата на пропишаниот образец да бидат потпишани најмалку два избирачи.
Собирањето потписи започна на 18 август и трае до денес до 24:00 часот.
Листите на кандидати за членови на советот и листата на кандидат за градоначалник на општината, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ОИК.
Листите на кандидат/и се доставуваат најдоцна на 13 септември, до 24:00 часот- 35 дена пред денот на одржување на изборите.
До 11 септември е рокот за увид во Избирачкиот список во сите подрачни канцеларии и одделенија на Државната изборна комисија (ДИК).
Н.С.Ј.