Со промоција на ЦД, проекција на документарен филм за музичката кариера и настапи на познати музички уметници, синоќа со концерт во Македонската опера и балет во Скопје, на достоинствен начин се одбележаа три години од смртта на најпознатиот флејтист од Охрид и реномиран музички уметник од Македонија Илија Зимбо.
Во преполната Империјал сала на Македонската опера и балет, семејството, колегите, почитувачите и пријателите на флејтистот Илија Зимбо се потсетија на неговиот музички опус од најраните години кога како млад генијален уметник ги освојуваше првите места на тогашните сојузни натпревари, преку образованието во Скопје и Љубљана, соработката со врвни педагози и познати европски менаџерски куќи, музицирањето на познати сцени, меѓународни фестивали и престижни натпревари, на кои имаше забележителни изведби и освоени награди. Зимбо, кој беше прв флејтист во Македонската опера и балет, беше предизвик за истакнатите македонски композитори да создадат дела тому за него.
Неговите изведби се поместени на новото ЦД од уметничкиот опус на овој бележит флејтист, што беше промовирано синоќа на концерот во Скопје.
Во чест на Илија Зимбо, неговите колеги, уметници од областа на класичната музика, обоистката Татијана Петрушевска, сопранистките Наде Талевска и Славица Петровска-Галиќ, флејтистите Страшо Темков и Ване Аревски, пијанистката Марија Вршкова и квартетот флејти Сиринкс, изведоа дела од познати автори.
Со концертот во чест на Илија Зимбо се затвори манифестацијата Есенски музички свечености 2014 во Скопје.
OhridNews
















