Врнежливото време поволно влијае на амбиенталниот воздух и намалување на загадувањето кое вообичаено расте во грејната сезона, која штотуку почна.
Станиците за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во Охрид денеска не регистрираат загадување со штетните ПМ 10 честички над дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен. Во рамки на дозволените граници денеска се и ПМ 2,5 честичките во амбиенталниот воздух. Според податоците на Автоматската мониторинг станица од мрежата на Министерството за животна средина и просторно планирање, поставена неодамна во Охрид, нивото на ПМ 10 честички изнесува 5,902 микрограма на метар кубен, а на ПМ 2,5 4,023 микрограми на метар кубен.
Голем причинител на загадување на амбиенталниот воздух е греењето со цврсти горива, како дрва и слично. Деновиве можеше да се забележат густи облаци од смог над населбите во градот, особено во попладневните часови и рано наутро, кога пиковите на загадување се и највисоки.
Kонцентрациите на PM2.5 во зимскиот период се повисоки споредено со нивните концентрациите во текот на останатите временски сезони. Исто како и кај PM10 тоа е предизвикано од разните типови на емисија од производствените процеси, сообраќајот, согорувањето на дрва за греење во домаќинствата, согорувањето на земјоделски отпад итн. во комбинација со непогодните метеоролошки услови. PM2.5 како најлесни честички најдолго остануваат во воздухот и како резултат на воздушните струења (хоризонтални и вертикални) носени од ветерот, иако генерирани во една држава може да влијаат на нивоата на PM2.5 во областите од други држави кои се наоѓаат во насоката на воздушните струења, укажуваат од Министсртвото за животна средина.
Г. Момироски