Денеска нивото на езертото е еден сантиметар повисоко. Последните официјални информации, добиени вчера, според едни беа дека нивото на водостојот на Охридското Езеро е на 693,91 метри надморска височина, а според други 693,90, што е за 16, односно 15 сантиметри повисоко од горната утврдена граница.
– Постои оправдан страв водата да се излее во пониските делови на крајбрежјето, особено во деловите кои се под природната граница, но опасност по градските населени места и главната инфраструктура, засега нема, вели проф. д-р Здравко Крстаноски од Хидробиолошкиот институт. Тој додава актуелната временска ситуација може да предизвика натамошно покачување на нивото на Охридското Езеро, но дека состојбата се уште не е критична.
Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување се на терен во стушко Калишта, Радожда и Луково, како и во Пештани – охридско, каде се поставуваат насипи за да се спречи излевање на езерото. На терен се и екипите на локалната самоуправа кои со механизација
и жива интервенираат на повеќе критични места во градот, каде се
поставуваат и насипи со вреќи од песок.
Ниту на денешната прес конференција во
Скопје не беше соопштено колкаво е нивото на Охридското Езеро.
Единствено се знае дека од Дрим се испуштаат 61 метар кубен вода во
секунда.
–
Нема зголемување на нивото на Охридското езеро, каде е измерен
непроменет водостој во однос на претходните два дена, информира денеска
портпаролот на Министерството за транспорт и врски Драган Симоновски,
по состанокот на Координативното тело за превенција од природни
непогоди.
Ваквите информации не кореспондираат со состојбата на
теренот сметаат надлежните во локалната самоуправа според кои очигледно
е зголемено нивото на Охридското Езеро, но и на реките.
– Сме во координација со
централната власт меѓутоа помош немаме. Координација не е само да се
излезе на терен и да се слика, треба конкретни акции, а за жал
изостанува помошта во конкретни акции, изјави Сашо Алчев, директор на
ЈП„Охридски Комуналец“, на еден од пунктовите каде денеска интервенираа
екипите на јавното претпријатије. Алчев изрази загриженост поради
неповолните хидролошки услови, што, како што рече дополнително можат да
ја усложнат состојбата.