Обилните врнежи од дожд и силниот ветер предизвикуваат проблеми во земјава. Исклучот не е ниту Охрид каде полни раце работа имаат комуналните служби кои интервенираат во подрачјата каде има паднати дрвја и гранки. Југот вчера потона едрилица кај градскотото пристаниште, а водата го отежна движењето на луѓето и автомобилите во делови од градот.

Исклучително лоша е состојбата на улицата „Прилепска“, каде е опасно да се поминува и со возило и пеш, дотолку повеќе што поради отпочнатите градежни работи за реконструкција има голем број несоодветно заштитени шахти, се жалат локалните жители.

На раскопаната улица која поради дождот е прекриена со вода од која не се забележува опасноста, претпладнево пропадна автомобил. По неуспешните обиди да се извлече со друго возило, на помош пристигнала механизација.

Жителите на „Прилепска“ апелираат да се санира улицата, а како најкритични ги посочуваат отворените шахти кои бараат да се заштитат.

На третата седница на Советот на Општина Охрид одржана деновиве, од Секторот за комунални дејности најавија дека улицата „Прилепска“ ќе се асфалтира во првите месеци од пролетта, а целосната реконструкција се очекува да биде завршена до мај.

OhridNdews