Поројните дождови во изминатите неколку денови дополнително го отежнаа движењето по улицата „Пере Тошев“, која речиси една година стои раскопана и прекриена со чакал. Улицата е буквално прекриена со вода, па така преминувањето преку неа претставува вистински предизвик и проблем. 


Жителите од улицата „Пере Тошев“ , која се наоѓа во непосредна близина на училиштето „Братство и единство“ во неколку наврати упатуваа апел до надлежните конечно да се асфалтира нивната улица.

Како што тие раскажуваат проблем е и кога е суво и кога врне. –  Се крева прашина, а кога врне мора да минуваме низ кал. Ги амортизиравме нашите автомобили, но и велосипеди. Охрид не е само центарот на градот и улиците како славеј Планина или Кеј Маршал Тито, револтирано велат жителите од „Пере Тошев“.


Од Локалната самоуправа уште во текот на летниот период беше дадено ветување дека по завршување на градежните зафати во Пештани и на улицата “Железничка”, кои се третираат како приоритетни проекти, ќе се премине на асфалтирање на улиците “Пере Тошев” и ” Петар Поп Арсов”.

OhridNews