Судечкиот совет при Основниот суд во Охрид со кој претседаваше судијката Билјана Белеска Пројкоска, ги прогласи за виновни обвинетите во судскиот процес за двојното убиство што во август минатата година се случи на летната тераса и рецепцијата на хотелот „Император“ во Охрид. Судот денеска ги изрече пресудите за обвинетите.
На првообвинетиот Бојан Петрески од Охрид кој се товареше за кривично дело убиство и неовластено поседување на оружје и распрскувачки материјали, судот му изрече единствена казна доживотен затвор. Тој е прогласен за виновен за извршено кривично дело убиство со умисла над 38-годишниот Ромео Ѓузелоски и 56-годишниот Васил Ристески.
Второобвинетиот Ристе Силјаноски од Охрид е прогласен за виновен за помагање на сторител по извршено кривично дело убиство. Нему судот му изрече казна затвор во траење од една година, во која му се пресметува и времето минато во притвор.
Судот ги упати оштетените семејства своите имотно – правни побарувања да ги бараат во спор.
Одбраната на сега веќе осудениот Бојан Петрески, изрази незадоволство висината на изречената казна.
-Навистина сум фрапиран од изречената казна доживотен затвор, бидејќи во текот на целата постапка се појавија докази кои укажуваат дека е поинаква фактичката состојба од онаа којашто е дадена во обвинителниот акт. – изјави адвокатот Владимир Стрезоски.
Тој најави дека по добивање на пресудата на писмено одбраната ќе ја обжали истата пред апелацискиот суд.
OhridNews