Во Струга во тек е пребројувањето на гласовите од вториот круг на локалните избори, кои треба да го дадат идниот градоначалник на општината. Граѓаните на Струга денеска избираа помеѓу двајца доктори, интернистот Зијадин Села, кандидат на ДПА и хирургот Владо Кочоски – заеднички кандидат на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Од ОИК информираат дека сите 78 гласачки места се затворени на време, како и дека засега официјално немаат добиено приговори за изборниот процес.

Од друга страна набљудувачите на МОСТ искажаа повеќе забелешки на текот на изборите во струшко, посочувајќи случаи на семејно гласање и други неправилности во руралните средини. Полицијата информираше за два инциденти во струшко Радолишта каде 24 годишен државјанин на Албанија се обидел да гласа, а пријавен бил и случај на отстранување на овластен претставник на ВМРО ДПМНЕ од избирачко место од страна на членови на избирачки одбор.

Аналитичките центри на партиите ги обработуваат изборните резултати, а во штабовите забележливо е различно расположение. Засега повеќе оптимизам има во штабот на ДПА, од каде јавуваат дека нивниот кандидат има убедливо водство од речиси 11.000 гласови.

Од ИШ на д-р Владо Кочоски засега не излегуваат со информации за исходот од изборите, но најавуват поднесување на голем број претставки до надлежните органи во врска со денешниот изборен процес.

Втор круг од локалните изботри денеска имаше и во општина Дебрца каде во трка за градоначалник се Љупчо Којчиноски од Сојузот за иднината и Игор Трајкоски од коалицијата за подобра Македонија. Броењето на гласовите во Дебрца, е во тек.

OhridNews