Вистинска драма утрово се случуваше на улицата „Климентска“ во стариот дел на Охрид, каде околу 9.20 часот се случи пожар во кој целосно изгореа две семјни куќи под заеднички покрив, а уште една е оштетена.
За среќа во пожарот нема настрадани и повредени. Дел од членовите на семејството кои се нашле во објектот зафатен од пожарот, успеале навреме да го напуштат, а спас надвор од своите домови побарале и соседите кои видно вознемирени раскажуваат што се се случило.
-Јас спиев со ќерка ми и нешто ми мирисаше, излегов и видов пламен. Веднаш ја напуштивме нашата куќа и побаравме помош. Се исплашивме многу! – изјави сосетка, додавајќи дека имале намера да ја продадат својата куќа, но оти сега ќе треба најпрвин да ја санираат штетата на еден од ѕидовите.
Соседот Перо Васелески, истакна дека среќна околност било тоа што пожарните дошле брзо, а на улицата немало паркирани возила, бидејќи во тој случај тие не ќе можеле да пристапат.
-Треба под најитно да се направат хидранти овде. Сугериравме кога се работеше на улициве во стариот дел на Охрид да се постават хидранти, но ни беше кажано дека ќе се крадело вода и не ставија. Но, за жал само кога ќе се случат вакви работи сфаќаме што треба да правиме, рече Василески.
Покрај непристапниот терен голем проблем на пожарникарите им создаваше и силниот ветер, но за среќа огнената стихија навреме беше ставена под контрола.
-Противпожарната единица од Охрид интервенираше со 6 возила и сите расположливи единици. Моравме да правиме егзибиции за да стигнеме до местото на пожарот и само благодарение на присебноста и брзата интервенција не дозволивме пожарот да се префрли на соседните објекти. Тоа е еден лавиринт на куќи и во услови на голем ветер среќа е што не е опожарена и уште некоја куќа, истакна Спасе Прентоски-командир на ТППЕ Охрид.
Материјалната штета предизвикана од пожарот е голема, и таа дополнително ќе се утврдува. Иако огнената стихија е ставена под контрола од опожарениот објект на ул. „Климентска“ се уште излегува чад, а јагленисаните простории и остатоците од покуќнината сведочат за силината на пожарот кој без покрив над глава остави едно охридско семејство.
фото:ЕМИЛИО