Со оперативно-техничката вежба „Бран 2012“, што започна денеска на аеродромот „Свети апостол Павле“ во Охрид, Министерството за внатрешни работи, ќе ја подобрува координацијата и меѓусебната комуникација на сите свои структури, при справувањето со кризи предизвикани од тероризам во цивилната авијација.

Вежбата која претставува симулација на грабнување авион на аеродромот во Охрид, ќе се одвива во три фази. За таа цел, ангажирани се над стотина припадници на различни единици на МВР и на други институции. На главната фаза која ќе се одвива во два дела, ќе учествуваат студенти од Факултетот за драмски уметности во улога на “грабнувачи на заложници“.

Дел од вежбата, утре, ќе биде отворен и за јавноста. Дипломатите, претставниците на научни институции од областа на безбедноста,  како и претставници на мисијата на ОБСЕ, ќе бидат сведоци на оваа вежбовна активност. Во првиот дел од главната фаза, фокусот ќе биде насочен кон оранизациско постапување наспроти „инцидентот“, односно тимска соработка помеѓу силите за безбедност. На вториот дел, акцент ќе се стави на „водењето преговори со грабнувачите“. Во самото сценарио на вежбата, опфатени се сите можни аспекти, од ранети, заложници, до новинари кои медиумски го покриваат „настанот“.

OhridNews