Во трилер натпревар од Лигата на Шампиони, Металург обезбеди бод на гостувањето откако ремизираше со словечнечкиот Копер играјќи 22-22. Македонскиот првак во финишот на мечот, имаше напад за цел плен, а на крајот спасуваше “жива глава“ од пораз.


Вистинска драма се случуваше во последните минути од натпреварот , Металург имаше негатива од три разлика (22-19) и дефицит од ракометар во поле. Со погодоците на Козлина, Алушески и Георгиевски “металурзите“ се вратија во игра за победа.

Исклучувањето на Козлина на 58 минута во мечот значеше дека Металург мечот ќе го доигра со ракометар помалку. После сите случувања на теренот, последниот напад на дуелот им припадна на избраниците на Червар кои направија “вишок“ ракометар, но Георгиевски биеше во стативата. Одбиената топка заврши во рацете на Кривокапиќ, Миркуловски грубо го фаулираше и заработи директен црвен картон, по кој ќе го пропушти наредниот меч во ЛШ.

После прекинот, на семафорот останаа уште три секунди за игра, словенците преку Кривокапиќ не ја искористија шансата за триумф откако неговиот удар заврши во статива на одличниот Станиќ кој собра 18 интервенции. Во составот на Металург, најефикасен беше Марковиќ со шест погодоци.

Со десет бодови, “металурзите“ ја делат  втората позиција со Копер, а во наредниот десетти натпревар од ЛШ,  Металург гостува кај полскиот Висла Плоцк.

Мх.П.