Цената на бензините од полноќ се зголемува за 5,5 денари за литар, а на дизелот за 10 денари, одлучи вечерва Регулаторната комисија за енергетика.
Ваквата одлука е донесена поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи, а од РКЕ најавуваат дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.
Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени, изјави вечерва претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Според Бислимоски, нафтени деривати има во доволни количини, но проблем е високата цена, што не е случај само кај нас, туку и во Европа.
Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог, апелира Бислимоски.
Од РКЕ посочуваат дека цените на нафтените деривати на светските берзи растат над 21 процент.
Согласно новата одлука на РКЕ, од полноќ новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе биде 89,50 ден/лит, а
ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 91,50 ден/лит. Новата цена на дизелот ќе биде
85,50 ден/лит.
Цената на Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 9 денари за литар и ќе се продава по цена од 83,50 ден/лит, додека мазутот се зголемува за 6,149 денар/килограм и новата цена ќе биде 54,319 ден/кг.
„Макпетрол“: Снабдувањето со горива ќе се нормализира во следните денови
Снабдувањето со сите видови горива на бензинските станици на „Макпетрол“ ќе се нормализира во следните денови. Состојбите на глобалните нафтени пазари се менуваат секојдневно, цените постојано се зголемуваат, а како резултат на тоа, снабдувачите се соочуваат со проблеми при навремената достава на горива до своите партнери, порачуваат од компанијата.
Побарувачката на горива во земјава изминативе денови е енормно зголемена, а меѓу главните причини за тоа се шпекулациите и гласините во јавноста дека ќе има недостаток, како и цените на светските берзи. Дополнително, снабдувањето беше отежнато затоа што нашиот дистрибутер „Окта“ во недела не работи. Исто така, и во Грција, од каде што се набавува горивото, недела е неработен ден, а и овој понеделник е државен празник. Сето ова придонесе да се појави привремен недостаток на дизел-гориво на некои наши бензински станици, истакнуваат од „Макпетрол“.
Нагласуваат дека денеска, уште во раните утрински часови, го обезбедиле сето расположливо гориво од „Окта“ и додаваат дека во текот на денешниот ден и во ноќните часови ќе биде испорачано на локациите на „Макпетрол“.
OhridNews












