Најбогатиот ракометен клуб во светот, францускиот Париз Сен Жермен (ПСЖ), во летниот преоден рок ќе се обиде да ги донесе браќата Карабатиќ и познатиот тренер Звонимир Нока Сердарушиќ, пишуваат француските медиуми.


Никола Карабатиќ, според многумина најдобриот светски ракометар, има договор со Барселона до 2017 година и помалку нереално е каталонскиот клуб да се откаже од услугите на својот најдобар играч.

Сепак богатите сопственици на ПСЖ сметаат дека понуда од два милиони долари, како обесштетување, ќе биде доволна Барса да се откаже од својот најдобар играч. Доколку ова се случи, тогаш тоа ќе биде најскапиот трансфер во историјата на ракометот.

Инаку, ПСЖ го сакаше Никола Карабатиќ и пред две години, но тој тогаш поради аферата со местење на натпревари се реши да замине од Франција и ја одбра Барселона.

Кога станува збор за неговиот помлад брат, Лука, неговиот трансфер би требало да биде реализиран без поголеми проблеми. Лука кој е играч на Пеј д’Екс, не е добар како Никола, но во изминатите три години тој константно напредува кога е во прашање играта во одбраната и во моментов е сигурно меѓу тројцата најдобри дефанзивци во светот.

ПСЖ во новата сезона сака да влезе и со нов тренер, откако Филип Жарде не ги исполни очекувањата на сопствениците. Прва желба на клубот за тренерската позиција е прославениот Нока Сердарушиќ, кој има одлични односи со Никола Карабатиќ со кого заедно работеа во шампионскиот тим на Кил.

Сердарушиќ, кој е прв фаворит за селекторската функција во хрватската репрезентација, во мометов е тренер на Пеј д’Екс и според многумина тој е најзаслужниот за подемот на помладиот Карабатиќ, Лука.

„Макфакс“