Комисијата која ќе врши надзор и ќе ја реализира реконструкцијата на дрворедите е формирана. Во неа учествуваат претставници од Локалната самоуправа, членови од еколошкото друштво Грашница и туристицката асоцијација Билјана.

Како што е предвидено, реконструкцијата ќе започне од улицата Димитар Влахов, на која постоечките дрва ќе бидат заменети со нови дрва од типот на Ligustrum japonicium.


Ќе се изградат и жардињери во кои ќе се засадат ниски садници, со цел да се насочат граѓаните да ја поминуваат улицата на песачките премини, а и за да се зголеми зеленилото на улицата. Наместо постоечките 53 садници, ќе се засадат нови 80. Видот е избран од причина што не формира голема лисна маса, спаѓа во широколисни, но зимзелени видови со што ја задржува функцијата на бели дробови на градот. Воедно ќе се избегнат досегашните проблеми кои ги предизвикуваа постоечките дрва – подигање на тротоарите, оштетување на подземните инсталации заради големината на кореновата маса , а исто така ќе се избегне и честото кроење на крошните што придонесува за намалување на животниот век на дрвата, велат од локалната самоуправа.

Како што потенцираат надлежните, со реконструкцијата ќе се оди етапно, улица по улица, а ќе се започне штом приистигнат новите садници.


На улицата Партизанска е предвидено да се засади видот Prunus cerasifera autropurpureum, дрва кои имаат исти карактеристики, со таа разлика што станува збор за  листокапно дрво, со црвена боја на листовите.

OhridNews