И четврти ден патничките бродови „Галеб“, „Кристина“, Александрија“ и „Македонија“ нема да испловат од пристаништето поради забраната што им ја изрече Капетанијата, бидејќи немаат извршено технички преглед. Бродарите се револтирани од ваквата одлука, поради која, како што тврдат, тие трпат сериозни загуби, за што најавија дека ќе побараат државата да ги обесштети. Откако не успеаа преговорите со Капетанијата, тие вчера за помош се обратија до Советот на општината, кој иако нема надлежност за решавање на случајот, усвои заклучок за надминување на проблемот.
– Советот нема надлежности во оваа сфера. Затоа, веднаш и директно исконтактиравме со Министерот за транспорт и врски и излобиравме средба на преставниците на бродарите со министерот Јанакиевски која ќе се одржи денес во Скопје, на која ќе се разговара за настанатата состојба. Според нашиот принцип на работа проблемите не се решаваат со политички игри и наводна загриженост преточена во заклучоци, туку со итно реагирање.-вели Дејан Пановски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Се огласи и Министерството за транспорт и врски кое ги повика сопствениците на бродови во Охридското езеро да ги почитуваат законските прописи и меѓународни норми.
– Најважна е безбедноста на патниците на пловните објекти во внатрешната пловидба во Република Македонија и оттука надлежните органи ќе ги преземаат сите законски мерки за спроведување на меѓународно пропишаните технички стандарди, се вели во соопштението од Министерството за транспорт.

– Преглед на цртежот на конструкцијата на бродот, основен преглед на инсталација на машините, основен преглед на електричните инсталации, како и основен преглед на сигурносните опрема и инсталации изнесуваат по 700 евра, а проверка на стабилноста и оштетената состојба 2.800 евра. Овие надоместоци од страна на сопствениците на пловни објекти се подмируваат еднаш, со цел добивање на соодветната техничка документација за пловните објекти, а потоа се врши услуга за иницијален преглед на бродот, односно за обновување на сертификатот која изнесува 1.000 евра и услуга за средишен преглед на бродот која изнесува 675 евра во класификационен период од 3 години, се вели во соопштението.
Реагираат и туристичките агенции кои укажуваат дека трпат штети, затоа што не можат да ги реализираат планираните прошетки по езерото за кои туристите платиле во аранжманите. Според нив забраната за пловидба на бродовите негативно ќе се одрази на имиџот на Охрид, поради што апелираат до надлежните институции и Здружението на бродари да изнајдат решение за проблемот.











