Индиската компанија „Сахара груп“ ќе испрати глобално соопштение, кое ќе биде проследено и до нашите медиуми. Во него ќе има објаснување за финансиската состојба и за намерите на компанијата, изјавил за „Телма“ директорот за индустриски зони, Виктор Мизо, по веста дека индискиот милијардер Субрата Рој, кој требаше да инвестира 100 милиони евра во Македонија, всушност е во големи долгови.

Како што пренесува „Телма“, човекот кој пред неколку недели на својот домаќин, министерот Ставрески, му најави изградба на луксузни хотели и казина во охридско Љубаништа, на милиони индиски граѓани треба да им врати три милијарди евра плус камата. Индискиот суд ги замрзна сите сметки и имотот на компанијата „Сахара груп“, како и личните банкарски сметки на нејзиниот сопственик Субрата Рој.

Според СДСМ, се работи за уште еден лажен инвеститор и за уште еден предизборен трик. Потсетуваат на божемниот инвеститор од Флорида, кој ветуваше ранчови со говеда во светиниколско, како и на актерот Марк Гуд, кој на вработените во „Бучим“, им говореше за компирчињата на Мек доналдс.

-Тоа се инвеститорите на Груевски – лажни личности. Затоа го сменија законот, со 400 илјади евра, секој може да остане во Македонија, ете и нека не биде криминалец. Можно е Рој да стане наш државјанин, бидејќи го бараат во десетина земји, рече Јани Макрадули, СДСМ.

И ВМРО-НП не верува дека ќе се реализираат ветувањата на Зоран Ставрески и Субрата Рој во охрид. Сметаат дека се работи за уште едно нереално предизборно ветување.

-Ако е сериозна инвестиција од 300-400 милиони евра,  како што се најавува, треба да се достави банковна гаранција од 10 проценти. Се до тогаш, ќе сметаме дека е несериозна најава и уште еден предизборен трик, изјави Ванчо Костовски, претседател на ВМРО НП – Охрид.

Рој вети инвестиции и во Скопје. Освен споменикот на Мајка Тереза, сака да изгради болница за сиромашни, агрокомбинат во Џумајлија, студентски град во Велес и друго. Изјави дека е вљубен во Македонија, која ја водат чесни и посветени луѓе. Поврзани сме, најмногу преку делото на Мајка Тереза, потврди и премиерот Груевски пред дваесетина дена.

OhridNews
извор:„Телма“