Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата за Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во однос на состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион. Како што информира владината прес служба, владатаго задолжила Министерството за култура да формира работна група со цел изработка на акциски план за постапување по одлуките кои произлегуваат од 41-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

Како што е познато, забелешките на УНЕСКО во однос на заштитата на природното и културното наследство во Охридскиот регион Македонија треба да ги имплементира до февруари 2018 година, во спротивно Охрид може да се најде на листата на загрозени подрачја.

Состојбата со заштитата на природното и културното наследство е загрижувачка, што го потврди и Донка Барџиева Трајковска, специјален советник на министерот за култура, која деновиве во Охрид присуствуваше на јавната расправа по Нацрт стратегијата за култура за периодот 2018-2022 година. Таа посочи дека е неопходно владата да донесе итен план за делување и најави изработка на нов закон со кој ќе се утврди адекватен режим на заштита, категорија на вредност и степен на загрозеност на културното наследство, што е дел и од препораките на УНЕСКО кои треба да се имплементираат до февруари.

– За жал во Охрид ни се случи нешто што од нас никој не го посакуваше, институциите задолжени за заштита на културото наследство да работат спротивно на тоа и затоа ни се случи Плаошник, обнова на Самуиловите тврдини и бројни дивоградби во околината. Тоа е еден комлексен проблем кој треба да се решава. – рече Барџиева Трајковска.

Минатата година експерти на УНЕСКО беа Охрид и ја скенираа состојбата на заштитеното културно и природно наследство. Подоцната Комитетот за светско наследство на УНЕСКО усвои препораки во однос на состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се обврзувачки и треба да се имплементираат до идниот февруари.

Г.М.