Со олеснувања при одредени давачки доколку се набави дефибрилатор, откако се донесени законските измени со кои се задолжени одредени субјекти и над сто вработени да имаат дефибрилатори, ќе се олесни набавката на овој ногу важен медицински апарат кај матините лекари особено во руралните средини, изјави вчера премиерот Никола Груевски, пренесува „Макфакс“.
„Одејќи низ руралните средини во текот на ова лето забележавме дека има многу населени места кои во близина немаат дефибрилатор. Многу села коишто имаат три, четири и пет илјади жители, а каде што нема институција со повеќе од сто вработени, тие се соочуваат со немањето дефибрилатор и многу луѓе умираат додека да стигнат до соодветна здравствена установа каде што може да им се помогне”, рече Груевски, одговорајќи на новинарско прашање по почеток на градежни работи за проширување и реконструкција на улицата „Трета Македонска бригада”.
Потсети дека дефиблилаторот е неопходен во случај на инфаркт за спасување живот, а може да го користат парамедицински лица, односно лица кои немаат медицински образование со брза обука.
„Вообичаено е во руралните средини кога некој ќе добие инфаркт да го однесат до место каде што има лекар, и тоа се најчесто матичните лекари во селата. Но, тие немаат дефибрилатори и не постои начин да им помогнат на луѓето што имаат инфаркт. Дури и да има 20-30 лекари, тие се беспомошни доколку немаат дефибрилатор, само може да го гледаат пациентот како умира. Затоа донесовме одлука со која државата ќе помогне во набавка на дефибрилатори кај сите матични лекари во руралните средини на начин што тие ќе ги купат дефибрилаторите”, истакна Греувски.
Појасни дека секој што ќе обезбеди нов дефибрилатор, за период од најмалку една или повеќе години, ќе биде ослободен од плаќање закупнини и на тој начин ќе ги компензира средствата кои ги инвестирал.
„Истовремено лекарот и жителите што живеат во близина ќе добијат дефибрилатор кој во наредните години ќе спаси илјадници животи во Република Македонија затоа што од местото каде што е лекарот и градот каде што има дефибрилатор, многу често има 15 километри, 20, 30, а некаде и по 40, 50 километри до болницата во некој град каде што има ваков апарат. Некогаш пациентите преживуваат возејќи ги до таму, а некогаш умираат по пат. Да имало дефибрилатор во селото кај матичниот лекар тие ќе биле спасени и ќе продолжеле да живеат”, рече Груевски.
OhridNews
извор:„Макфакс“