Јавното обвинителство ги презема сите неопходни истражни дејствија за целосно расветлување на случајот со претепаната девојка во Охрид, а во текот на денот очекувам надлежниот обвинител да донесе и јавнообвинителска одлука, изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески одговарајќи на новинарско прашање во врска со случајот со нападната девојка од својот партнер во Охрид.

Ги следам состојбите и преку социјалните мрежи и преку медиумите, а директни информации имам од раководителот на ОЈО Охрид. Таму интензивно се работи на разоткривање на целата состојба на работите, свесни за тоа колку е од значење Јавното обвинителство да покаже брзо и ефикасно постапување во овој случај и свесни за опасноста на овој вид криминалитет рече Савески.

Одговарајќи на прашањето зошто за 31-годишниот осомничен биле побарани мерки на претпазливост наместо притвор, Савески истакна дека е во постојана комуникација со раководителот на Основното јавно обвинителство Охрид.

Доколку би ви одговорил на вашето прашање да утврдам јас соодветна правна квалификација тоа би се сведело на мое шпекулирање, бидејќи правната квалификација произлегува од сето она што ќе се собере во текот на истражната постапка, односно сето она што ќе биде собрано како доказен материјал ќе биде ценето во склоп на една целина, поединечно. Денеска сум известен од обвинителот дека се во контакт со жртвата. Тој исказ е многу суштествен, од него ќе ни произлезат многу докази кои што се со голема доказна вредност, истакна Савески.

Воедно, најави дека по утврдувањето на фактичката состојба, Обвинителството ќе излезе со официјално соопштение за натамошниот тек на постапката.

OhridNews