Владата на денешната редовна 164 седница го утврди Буџетот на државата за 2020 година, кој ќе изнесува рекордни 3,9 милијарди евра. Премиерот Заев рече дека буџетот е развоен, а во фокусот ќе бидат инвестициите во човечките ресурси и потребите на граѓаните. Ќе растат платите, но и пензиите.

-За 2020 година со буџетот планирано е покачување на пензиите, дополнително на редовната индексација со трошоците на живот. Владата се одлучи за вакво дополнително покачување на пензиите имајќи ги предвид економските параметри минатите две години, посебно порастот на просечната плата за повеќе од 2,297 денари, и на минималната за 4 до 5,000 денари. Пензионерите заслужуваат, тие одработија за ова наше заедничко општество и затоа нивниот животен стандард треба да го следи подобрениот животен стандард на вработените. Повеќе за пензиите ќе ви каже министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на посебна прес конференција. Денеска само ќе кажеме дека пензиите ќе пораснат за 700, и заедно со веќе постоечкото усогласување со растот на трошоците за живот ќе пораснат вкупно за 850 до 900 денари. Вложуваме во луѓето, вложуваме во нашиот народ и затоа во Буџетот 2020 имаме издвоено 7,3 милијарди денари субвенции во земјоделието, и 1,1 милијарди денари за регионален рамномерен развој. Во 2020 година буџетот на Министерството за одбрана ќе изнесува 10 милијарди денари. -рече Заев.

Јавниот долг 51% од БДП, а за капитални инвестиции ќе бидат издвоени 374 милиони евра. Од вкупните буџетски расходи 56%  ќе бидат наменети во здравството, образованието и социјалата.

OhridNews