Според неодамна објавените извештаи на Државниот завод за ревизија, при извршената контрола на работењето на Националната установа “Охридско лето” за 2010 година воочени се низа неправилности во финансиското работење, како и при изборот на вршител на должноста директор на Установата.

Како што се наведува во ревизорскиот извештај, на ден 14.6 2010 година со решение на Министерот за култура именуван е работоводен орган, вршител на должноста директор на Охридско лето, од редот на вработените, до завршување на постапката по распишан конкурс, но не подолго од 6 месеци. По истекот на шест месеци со решение од 6.12. 2010 година извршено е повторно именување на вршител на должноста директор на истото лице, што според Ревизорот е спротивно на Законот за култура и Статутот на Установата, бидејќи наведените законски акти не предвидуваат можност за повторно именување на в.д. директор на Установата.

Во објавениот извештај на Државниот завод за ревизија се укажува и на непочитување на Колективните договори и исплата на повисоки плати и дневници за прекувремена работа и работа за време на празници и викенди, нетранспарентно и незаконско трошење на средства за превоз, угостителски услуги за сместување, печатење на пропаганден материјал и друго, како и непочитување на прописите при спроведување на јавни набавки и недостаток на интерни акти за регулирање на трошењето.

Ohridnews