Овој празник да ни помогне да се справуваме безработицата, сиромаштијата и со сите други предизвици со кои се соочуваме секојдневно, порача премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на свечена божиќна литургија во црквата „Св. Петка“.

Тој им го честиташе Божик на сите верници од христијанска вероисповед.

„Овој празник да ни помогне на сите да се справуваме со предизвиците кои се пред нас.  Да ни даде повеќе сила и енергија. Да одиме напред како држава, како народ, како граѓани на Република Македонија. Да доаѓаат подобри моменти, подобри мигови и поголеми успеси за целата држава и за сите граѓани во неа“, изјави Груевски.

Паричката на бадниковата вечера во нивното семејство, се паднала кај неговата ќерка Анастасија.

Претседателот Ѓорге Иванов и Претседателот на Собранието, Трајко Вљаноски им го честитаа Божик на сите граѓани од православна вероисповед и повикаа на сплотеност.

Иванов и Вељаноски  присуствуваа на централното одбележување на Рождеството Христово-Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан богослужеше Златоустова литургија.

„Во духот на нашата традиција посакувам како што сме сплотени за време на празниците така да бидеме целата година, да бидеме меѓу себе солидарни, да си помагаме меѓу себе и да се почитуваме. Христос се роди“, рече претседателот Иванов.

И Вељаноски повика на сплотеност меѓу граѓаните и политичарите и смета дека по инцидентите во Собранието, политичарите можат и треба да го направат тоа.

„Така сплотени ќе можеме да одолееме на сите искушенија од економски аспект. На сите граѓани на Република Македонија им посакувам многу среќа, здравје и личен просперитет во 2013. Христос се роди, навистина се роди“, рече Вељаноски.

Божик на граѓаните им го честиташе и претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски. Тој присуствуваше на  божикната литургија во црквата Свети Јован Крстител.

„На сите наши граѓани од православна вероисповед, на сите Македонци каде и да живеат ширум светот, им го честитам овој голем христијански празник Божик. Нека денот на Христовото раѓање  донесе мир, спокојство, здравје, среќа, успех во секој наш дом, нека донесе благодет и напредок за целиот наш народ. Христос се роди, вистина се роди“, изјави Црвенковски.

OhridNews
извор:„Макфакс“