Владата го усвои Предлог законот за именување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи. Со предложените измени и дополнувања, почнувајќи од 1 јануари 2014 година се воведува обврска за електронска продажба на стварите што ги користат државните органи, односно продажбите ќе се вршат по електронски пат. Новото законско решение ќе се однесува на постапките за продажба на стварите кои што ги користат државните органи, во прв ред министерствата, но и сите други буџетски корисници или единки корисници на средства од буџетот, дефинирани како државни органи согласно Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

Електронската продажба на стварите ќе се одвива преку софтверското решение кое ќе биде воспоставено во Министерството за финансии, односно во Управата за имотно правни работи која и ќе оперира со електронскиот систем.

Во соодветна постапка, регулирана во наведениот закон, сите физички и правни лица ќе можат преку регистрирање на електронскиот систем да наддаваат  за купување ствар (недвижна или движна), која што врз основа на претходно донесена одлука од Владата ја отуѓува некој државен орган кој веќе нема потреба од нејзино натамошно користење.

OhridNews