Викендов во Струга ќе се одржи државното првенство во друмски велосипедизам. Патеката за државното првенство е со должина од 120 километри, а ќе се вози на релација Струга – Дебарца – Извор – Охрид – Струга.

Оваа патека ќе ја извозат лиценцираните велосипедисти од категориите јуниори и сениори, додека велосипедистките, кадетите и ветераните (популарно наречени мастерси), ќе возат 59 километри, тие своите трки ќе ги стартуваат од Извор и ќе возат до Струга.

Државното првенство во велосипедизам, годинава е дел од манифестацијата со која се одбележува Денот на Охридското езеро, а се со цел промовирање на велосипедизмот, спорт кој бележи подем во Република Македонија, во градовите каде сé уште нема формирано велосипедски клубови.

Годинешната патека на државното првенство го носи името Дебарца, а ги опфаќа општините од југозападниот плански регион Струга, Дебарца, Другово и Охрид и се вози  по прв пат во историјата на македонскиот велосипедизам.

Трката ќе стартува во сабота точно на пладне, истата е во организација на Велосипедската федерација на Македонија и Велосипедскиот клуб „Екодром“ од Охрид.