Во врска со презентираните информации за масовно кршење на основните човекови права и слободи, преку следење и прислушкување на комуникациите, Демократскиот сојуз бара независна, експертска, транспарентна и јавна истрага.
-Демократскиот сојуз, бара Јавниот обвинител да формира посебен тим (согласно ЗКП), кој ќе работи на проверка и документирање на информациите за прислушкување, како и одговорноста на сите инволвирани во овој мега скандал, без разлика на тоа за кого сè се работи, неговата позиција, социјален статус, партиска припадност и сл. Демократскиот сојуз очекува во разрешувањето да се вклучат сите надлежни државни органи, вклучително и Народниот правобранител, при што само со почитување на принципите на владеење на правото, може да се дојде до вистината.-стои во соопштението.
Демократскиот сојуз ги повикува опозициските партии да се вклучат во работата на Парламентот за да може да се обезбеди уставната и законската определба за цивилна-парламентарна контрола над службите за безбедност.
-Преку активирање на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, може да се обезбедат релевантни информации и факти. Врз основа на извештаите на овие комисии да се отвори расправа и во Собранието на Република Македонија. – се вели во соопштението.
Демократскиот сојуз смета дека освен што е нарушена приватноста на граѓаните, пробиен е и разорен целокупниот систем за безбедност, а во голема мера е загрозена безбедноста и стабилноста на државата, поради што неопходно е да се утврди политичката, кривичната и друг вид на одговорност на носителите на овие активности.
-Демократскиот сојуз смета дека ваквите состојби во голема мера негативно ќе се одразат и на демократскиот развој, евро-интеграциските процеси, како и на економските состојби и ги повикува сите политички партии во своите активности да водат сметка за стратешките и националните интереси на државата и граѓаните, а медиумите објективно и избалансирано да информираат. – се вели во реакцијата на Демократскиот сојуз чиј лидер е Павле Трајанов.
OhridNews














