Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократски сојуз, достави барање до Собранието на Република Македонија да одржи седница на која ќе се расправа за имплементацијата на Договорот од Пржино (2 јуни – 15 јули 2015 година).
-Со Договорот од Пржино се предвидени обврски кои треба да се спроведат во одредени рокови, како и бројни суштински и коренити реформи неопходни за одржување на слободни, демократски, фер и кредибилни избори. Имплементацијата на овој Договор е битен предуслов за создавање на еднакви можности и шанси за сите учесници на изборите. Во Договорот не е јасно предвидено кој треба да врши мониторинг на неговата имплементација и кој треба да оцени дали истиот се спроведува во неговата суштина, поради што сметам дека само преку парламентарна и јавна дебата, може да се изградат и донесат оценки и заклучоци дали Договорот се спроведува, на кој проблеми се наидува при неговото спроведување, дали и кој го опструира неговото спроведување и да се утврди одговорноста на тие што го кочат процесот на неговото спроведување. – вели Трајанов.
Според него анализата за спроведување на Договорот е круцијална за учество на партиите на претстојните вонредни парламентарни избори, кои се закажани за 24 април 2016 година.
-Со цел Парламентот да има целосни и објективни информации и податоци за имплементација на Договорот, предлагам, gосподнине Претседател на Собранието, по консултација со сите партии застапени во Парламентот, денес да закажете седница на која ќе се донесе Одлука за формирање на работна група која ќе подготви Извештај за имплементација на Договорот од Пржино и најдоцна до 20 февруари 2016 година истиот да го достави до Собранието на Република Македонија. – рече Трајанов.
Тој предлага работната група да биде составена од тројца пратеници предложени од партиите кои го сочинуваат мнозинството, тројца од партиите од опозицијата и еден независен пратеник, кој воено да биде и претседател на работната група. Исто така тој предлага во работата на работната група да се вклучи (без право на глас) и еден претставник од невладината организација „МОСТ“ и еден од новинарските здруженија.
По добивање на извештајот, Трајанов предлага Парламентот да одржи седница, на која ќе расправа по истиот и ќе донесе одлука дали се исполнети условите за одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година или истите треба да се одложат се додека не се исполнат обврските и приоритетите содржани во Договорот од Пржино.
OhridNews